речник контакт

Ќе пресушат осум светски реки?

Колорадо, Сир Дарја, Аму Дарја, Хоангхо, Инд, Теста, Рио Гранде и Мареј, наскоро ќе пресушат поради преголема експлоатација. Последиците од исчезнувањето нема да се одразат само на населението туку и на екосистемот на планетата.

Петар Печков

Списанието „Национална Географија“ објави алармантни податоци за забрзано исчезнување на осум големи светски реки. Имено, Колорадо, Сир Дарја, Аму Дарја, Хоангхо, Инд, Теста, Рио Гранде и Мареј, наскоро ќе пресушат поради преголема експлоатација. Последиците од исчезнувањето на реките нема да се одразат само на населението туку и на многу екосистеми на планетата.

Преголемото користење на водите на осумте светски реки ќе доведе до нивно целосно исчезнување, а лоша иднина ги чека не само околните жители, туку и цели екосистеми.

Реката Колорадо која е долга 2.333 километри снабдува околу 30 милиони луѓе. Поради големото искористување во земјоделски, индустриски и градски цели, водата тешко стигнува до делтата во Калифорнискиот залив. Само една десетина од нејзината вода допира до Мексико, каде главно се користи за земјоделие и за снабдување на градовите јужно од границата.

Голема адвокатска група заедно со списанието Национална Географија, работат на тоа да вратат макар дел од водата на реката Колорадо, во надеж дека ќе ја регенерираат нејзината сега веќе сушна делта и екосистемот. Се повеќе луѓе се интересираат да помогнат на оваа акција, ширејќи ја свеста за важноста на улогата на реката.

Во Пакистан со голема брзина се зголемува бројот на населението и моментално се 170 милиони. Водата од реката Инд која е долга 3.200 километри, наменета е за домаќинствата, земјоделието и за наводнување на речиси 90 отсто од сувото земјиште. Колку последиците се преголеми од експлоатацијата на оваа голема река, зборува и фактот дека водата на Инд веќе воопшто не се влева во океанот кај пристаништето во Карачи.

Поради големите проблеми предизвикани со ваквото користење, доаѓа и до немири меѓу населението, па често избиваат судири и расправии околу водата. Лошите вести, но и тензиите се проширија и на соседна Индија, дом на глечери кои ја хранат реката, но која за жал планира свртување на текот на реката, пренесува Национална Географија. Меѓутоа има надежи. Во регионот растот на бројот на населението се забавува, а се јавува и зголемена свест за значењето и заштитата на големите светски реки. Аралското Море во Азија порано го полнеа двете големи реки: Аму Дарја (1.400 км) на југ и Сир Дарја (2.212 км) на север. Меѓутоа, во 60-тите години од минатиот век, Советите одлучија да ги нахранат локалните степи, па изградија систем за наводнување кој се состои од 20.000 канали, 45 брани и над 80 резервоари.

Системот не е ефикасен и протекува, а реката Аму Дарја изгуби најголем дел од својот тек и повеќе не стигнува до Арапското море.

Реката Сир Дарја помина малку подобро од својата сестра, но толку многу е загадена и не се препорачува нејзино користење како вода за пиење или наводнување.

Лишено од главните извори на вода, Арапското море за само неколку децении е сведено на неколку мали езера. Милиони риби умреа, брегот со километри се повлече од градовите, а и тие малку луѓе кои тука останале биле на удар на бура на токсична прашина, која е последица од индустриско загадување.

Последните неколку години, Светската банка финансира изградба на брани во рамки на проектот за реставрација со цел да се регенерира реката Сир Дарја и тоа што остана од Северното Арапско Море.

Величествената река Рио Гранде една од најголемите реки на Северна Америка е долга 3.033 километри. Но, поради неконтролирано искористување од страна на Тексас и Мексико, оваа река повеќе воопшто не доаѓа до Мексиканскиот залив. Последиците од експлоатацијата се гледаат и во фактот дека нејзиниот еко систем е многу загрозен.

Хоангхо или Жолта Река (5.500 км) е втора по големина река во Кина, по Јангцекјанг. Реката е колевка на најраната позната кинеска цивилизација и има долга и бурна историја во регионот. Веќе 40 години Жолтата Река едноставно пресушува пред да дојде до морето. Долниот тек на реката е без вода цели 230 дена годишно.

Последните неколку години кинеската влада презема чекори да и ја поврати силата, забранувајќи им на земјоделците да ја користат водата во некои делови од нејзиниот тек.

Реката Теста (315 км) минува низ индиската држава Сиким и се влева во реката Брамапутра во Бангладеш. Покрај големото наводнување, реката која ја нарекуваат „линија на животот“ во Сиким, наскоро ќе пресуши. Неопходен е итен состанок на владите на Индија и Бангладеш, за да се реши тој проблем. Разумната експлоатација на речните води ќе го спречи нејзиното исчезнување, порачуваат индиските екоактивисти.

Најдолга и најважна река во Австралија е Мари која е долга 2.375 километри. Поради големото наводнување, реката се повлече, а зголемениот соленитет се заканува да ги загрози посевите и екосистемот. Реката Мари се соочува и со проблеми како што се големо загадување и воведување на инвазивни видови на риби, како европскиот шаран. Ако реката пресуши или достигне ниво на загаденост повеќе да не може да се користи, ќе снема 40 отсто од водата за пиење во некои региони во Австралија.

  преземено од  ,,National geographic,,

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »